ДИПЛОМАТСКА МРЕЖА – Владата именува 9 нови амбасадори и двајца конзули

Над 60% од новите амбасадори се професионални дипломати, во согласност со новиот закон за надворешни работи.

ДИПЛОМАТСКА МРЕЖА – Владата именува 9 нови амбасадори и двајца конзули
Фото: Принтскрин

Екс-министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе стане новиот македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел, пренесува Сител. На денешната владина седница беа усвоени имињата на вкупно девет нови амбасадори.

За амбасадор во Лондон ќе биде именувана Илина Мангова, со богата кариера во невладиниот сектор, вклучувајќи работа во раководството на Меѓународниот републикански институт (IRI).

Останатите амбасадорски места ќе ги пополнат кариерани дипломати со долгогодишно искуство во Министерството за надворешни работи. Меѓу нив е и Линда Салиеска Иљазоска, која е дел од кабинетот на министерот Муцунски и има речиси 20 години дипломатска кариера со мисии во различни европски претставништва. По завршувањето на сите процедури, таа ќе стане амбасадор во Хаг.

Според законот, сите девет кандидати прво ќе треба да ги презентираат своите планови пред Комисијата за надворешна политика во Собранието, а потоа Претседателката Сиљановска официјално ќе ги испрати на своите дипломатски позиции. Списокот со нови амбасадори е веќе усогласен помеѓу Претседателката, Министерството за надворешни работи и Владата.

Покрај нив, Владата денеска именува и двајца конзули за Мелбурн и Солун.

Претходно беа познати и имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ амбасадор во Токио, Димитар Блажевски амбасадор во Киев и Фадиљ Зендели амбасадор во Копенхаген.

Откако ќе завршат сите процедури, вкупно 18 дипломати ќе бидат испратени во мандатот на министерот Муцунски. Од нив, над 60% (11 амбасадори и конзули) се професионални дипломати, што е во согласност со заложбите за професионализација на дипломатската мрежа и со новиот закон за надворешни работи, кој предвидува најмалку половина од амбасадорите да бидат кариерни дипломати.

CATEGORIES
Share This