МЗТ СО МОЌНА ПОРАКА – „Мачор“ сите сме едно плаво-бело семејство

Ристе Божиновски-Мачор го доживеа изненадувањето во болничката соба

МЗТ СО МОЌНА ПОРАКА – „Мачор“ сите сме едно плаво-бело семејство
Фото: Социјални мрежи

МЗТ Скопје Аеродром продолжува да доминира на домашната кошаркарска сцена, освојувајќи ја рекордната 14-та титула во Куп-натпреварувањето. Во трите одиграни меча, тимот во просек победи со импресивни 25 поени разлика.

По триумфот во Куманово, челниците на МЗТ приредија посебно изненадување за еден од најверните навивачи на клубот Ристе Божиновски, познат како Мачор. Децении наназад, тој ги бодрише играчите, но овојпат поради здравствени проблеми не можеше да присуствува во салата.

Меѓутоа, МЗТ го донесе трофејот директно до него, во болничката соба. Делегацијата на клубот, предводена од директорот Филип Ѓорески, тренерот Васко Атанасов и капитенот Дамјан Стојановски, заедно со неколкумина пријатели на Божиновски, го изненади верниот навивач.

Видно емотивен, Божиновски не можеше да ги скрие солзите од ова прекрасно внимание, кое дојде во период кога води тешка здравствена битка. За дополнителна мотивација, тој доби и златен медал од Купот, специјално обезбеден за него.

Пораката од МЗТ е кратка, но моќна: „Мачор МЗТ е со тебе! Сите сме едно плаво-бело семејство“.

CATEGORIES
Share This