БЛОКАДИ НА ГРАНИЦИ – Превозниците загрижени поради визната политика на ЕУ
Министерството за транспорт демантира шпекулации и најавува привремено решение до април.

Блокадите на балканските гранични премини кон Европската унија повторно се актуелни, откако дел од регионалните медиуми објавија дека Европската комисија ги одбила предлозите превозниците да бидат третирани како професионалци, наместо како туристи. Ова, според медиумите, доведува до нивна депортација доколку го надминат 90-дневниот престој во унијата.
Дополнителен проблем предизвикува новиот електронски систем за влез и излез (ЕЕС), поради кој возачите брзо го достигнуваат лимитот и добиваат „црн печат“.
Министерството за транспорт веднаш ги демантира овие информации, нарекувајќи ги шпекулации, и апелира граѓаните да не се водат од непроверени извори, особено од соседните земји. Од министерството информираат дека со Европската комисија се работи на трајно решение во рамки на новата визна стратегија, дека е најавено одложување на примената на електронскиот систем и дека дијалогот продолжува преку техничка работна група со засилена динамика.
„Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија, со цел да се најде решение во рамки на новата визна стратегија на ЕУ. Таа нуди можност возачите да бидат третирани како професионалци, како и други опции за визи. Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека сите чинители активно работат на решавање на овој проблем“, велат од министерството.
Од „Макам-транс“ потврдуваат дека во новата визна стратегија статусот на професионален возач е признаен, но додека процедурите траат, неопходно е привремено решение до април. Разговорите продолжуваат, а нов состанок е закажан за две недели.
Стопанската комора внимателно го следи случајот. Претседателот Бранко Азески истакнува дека ограничувањето на движењето на луѓето и стоките е сериозно, но сепак е оптимист дека решение е можно.
На крајот на јануари, превозници од Македонија и регионот организираа координирани блокади на граничните премини поради строгата примена на правилото 90/180. Протестите беа прекинати по најавата дека Европската комисија ќе разгледа можност за специјални визи за професионалните возачи. Тие истакнуваат дека не сакаат да завршат во притвори во европските држави поради пречекорување на 90-дневниот престој.


