КРИВИЧНА ПРОТИВ ФИЛКОВ – Спор околу полагањето правосуден испит на албански

Партијата тврди дека со одбивањето да се организира правосуден испит на албански јазик се прекршени Уставот и Законот за употреба на јазиците.

КРИВИЧНА ПРОТИВ ФИЛКОВ – Спор околу полагањето правосуден испит на албански
Фото: Принтскрин

Демократска унија за интеграција (ДУИ) поднесе кривична пријава против министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го за повреда на Уставот и на повеќе законски прописи, поради тоа што не дозволил полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Од ДУИ информираат дека пријавата е поднесена поради, како што наведуваат, попречување на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците. Според партијата, со одбивањето да се одобри барањето на студентите по право испитот да го полагаат на албански јазик, Министерството за правда постапило спротивно на член 7 од Уставот, како и на членовите 1, 2, 3 и 9 од Законот за употреба на јазиците, со кои албанскиот е утврден како службен јазик покрај македонскиот.

„Денес, пред институцијата задолжена за спроведување на правдата, поднесуваме кривична пријава за сериозни прекршувања на уставните и законските обврски. Државните институции се должни да обезбедат употреба на службените јазици во сите службени постапки и документи“, соопштија од ДУИ.

Кривичната пријава, според партијата, се однесува и на неизвршување на службена должност, со што, како што тврдат, се повредени уставните и законските права на граѓаните Албанци. Во таа насока се повикуваат на член 9 од Уставот, кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните пред законот, како и на член 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување.

ДУИ оценува дека одбивањето да се организира правосуден испит на албански јазик претставува директно кршење на правото на употреба на службениот јазик и нарушување на принципот на рамноправност. Според нив, ваквото постапување е спротивно и на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој забранува дискриминација врз основа на јазик и етничка припадност.

„Неспроведувањето на законот испраќа дискриминаторска порака и може да доведе до продлабочување на тензиите во мултиетничкото општество“, велат од партијата.

Од ДУИ побараа Основното јавно обвинителство итно да преземе истражни дејствија, случајот да го процесуира пред надлежниот суд и да обезбеди целосно и недискриминаторско спроведување на законот.

CATEGORIES
Share This