РУБИО ЗА НУКЛЕАРНИТЕ ПРЕГОВОРИ – Тешко е да се постигне договор, иранските одлуки се водат од верата, не од геополитика
Американскиот државен секретар истакнува дека нуклеарните преговори ќе бидат сложени поради теолошките мотиви на иранските лидери.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денес истакна дека постигнувањето договор во нуклеарните преговори со Техеран ќе биде многу тешко, бидејќи одлуките таму се водат од теолошки, а не од геополитички причини.
„Постојат можности да се постигне договор преку дипломатија за прашањата што нè засегаат, и ќе бидеме отворени за тоа. Сепак, не сакам да претерувам“, рече Рубио на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, пренесува Ројтерс.
Тој потврди дека, иако иранската страна ретко прави компромис, САД ќе продолжат да преговараат сè додека има смисла за напредок во запирањето на нуклеарната програма.
Рубио исто така потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да преговара со секого, како што беше јасно во изминатата година, и дека истото ќе важи и за решавањето на иранското прашање.
„Ќе биде тешко. Навистина е тешко да се склучат вистински договори со Иран, бидејќи имаме работа со радикални шиитски свештеници кои донесуваат теолошки, а не геополитички одлуки“, заклучи Рубио.


