КЕДЕВ ГО ОБЈАВИ СКАНДАЛОТ УШТЕ ПРЕД ШЕСТ МЕСЕЦИ – Засега само состаноци, денес уште еден состанок на министерот Алиу

Министерството за здравство со странски експерти ја продолжува анализата на кардиолошките интервенции

КЕДЕВ ГО ОБЈАВИ СКАНДАЛОТ УШТЕ ПРЕД ШЕСТ МЕСЕЦИ – Засега само состаноци, денес уште еден состанок на министерот Алиу
Фото: Национал

Денеска се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирани од Министерството за здравство, во рамки на постапката за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.

Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше присутните експерти за досегашниот тек на постапувањето, процесот на прибирање и стандардизација на медицинската документација за пациентите, како и за целите на двостепената стручна проверка.

„Процесот го водиме со цел да утврдиме факти врз основа на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен и објективен стручен увид за тоа дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат во идентификување на можни системски слабости. Наодите треба да придонесат за зајакнување на здравствениот систем, а доколку се утврди потреба, ќе следуваат и измени на правната регулатива. Нашата цел е подобрување на перформансите на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, истакна министерот Алиу.

На состанокот беше усогласена и работната методологија според која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората фаза од експертската анализа.

Министерството за здравство потсетува дека странската експертска група ја сочинуваат тројца меѓународно признати професионалци: д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и примена на меѓународно споредливи стандарди при анализата на доставените случаи, кои се однесуваат на извршени операции или пациенти кои биле непотребно упатени на хируршки зафат.

Да потсетиме, кардиологот Сашко Кедев минатото лето, уште пред 6 месеци обвини дека непотребно се правеле кардиваскуларни интервенции. Во меѓувреме и самиот Кедев си отиде од домашната комисија што беше формирана за да ги испитува неговите наводи.

CATEGORIES
TAGS
Share This