ПРЕМНОГУ НЕРВОЗИ И НАВРЕДИ – Мицкоски за изјавите на Трендафилов

Премиерот оценува дека претседателот на ССМ користел навредлив речник и очекува јавно извинување до пратеничката Дафина Стојаноска.

ПРЕМНОГУ НЕРВОЗИ И НАВРЕДИ – Мицкоски за изјавите на Трендафилов
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ја слушнал изјавата на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, како и неговото барање за разрешување на пратеничката Дафина Стојаноска. Според Мицкоски, во настапот на Трендафилов забележал „премногу нервоза и навреди“, додавајќи дека јавните личности мора да бидат подготвени на критика.

Тој оцени дека е жално што поединци кои сакаат да бидат јавни личности не се навикнати на јавна критика, нагласувајќи дека секој што претендира на таква улога мора да биде свесен дека ќе биде изложен на реакции од јавноста. Мицкоски посочи дека критиките упатени кон него се невистинити, но дека тоа е дел од јавниот живот.

Премиерот ја критикуваше и, како што рече, „бледата одбрана“ во врска со користењето службено возило, а особено изрази загриженост за нивото на култура во јавниот настап на Трендафилов. Според него, синдикалниот лидер ја пропуштил можноста да биде над ситуацијата и требало да користи попристоен речник, имајќи предвид дека станува збор за жена и мајка.

Мицкоски нагласи дека во видеото кое беше објавено не се прикажуваат малолетните деца на Трендафилов и дека, според неговите согледувања, било водено сметка за тоа. Сепак, тој оцени дека Трендафилов требало да покаже поголема култура во изразувањето и очекува извинување до пратеничката Стојаноска, која го објави видеото.

Изјавата Мицкоски ја даде при поставување камен-темелник за изградба на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската општина Карпош.

Воедно, премиерот најави дека јавноста во наредните денови ќе има можност да види кои лица учествуваат во протестите организирани од ССМ и на кои политички партии припаѓаат. Според него, блокадите на улиците и булеварите ги спроведуваат „партиски истакнати лица, членови на конгреси и партиски организации“.

CATEGORIES
Share This