БУБЕВСКИ ДЕМАНТИРА – Чист сум како солза, работев во СЈО само по закон

Јавниот обвинител тврди дека наводите изнесени во ТВ-емисија се невистинити и најавува судска постапка

БУБЕВСКИ ДЕМАНТИРА – Чист сум како солза, работев во СЈО само по закон
Фото: Принтскрин

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски најостро ги демантира клеветите и, како што вели, измислените наводи изнесени од адвокатката Лејла Кадриу во телевизиско гостување на 7 февруари 2026 година.

Во објава на социјалните мрежи, Бубевски наведува дека тврдењата поврзани со неговото постапување и работата на поранешното Специјално јавно обвинителство се целосно невистинити и конструирани со намера да му се наштети на личниот и професионалниот углед. Како реакција, веднаш по емисијата тој иницирал постапка и побарал јавно извинување од Кадриу за, како што наведува, изнесените лаги.

„Иако сметав дека овие клевети не заслужуваат јавно внимание, очигледно е дека нашето општество сè уште не е доволно отпорно на лаги“, пишува Бубевски.

Тој категорично ги отфрла наводите дека користел четири мобилни телефони, истакнувајќи дека за време на мандатот во СЈО користел само еден телефонски број, како и по враќањето во Основното јавно обвинителство Скопје. Неговиот сегашен, приватен број, според него, им е познат на новинарите и на голем број граѓани, како дел од неговиот пристап кон транспарентност и достапност.

Бубевски ги негира и тврдењата за какво било влијание врз одлуките, наведувајќи дека стои зад секоја одлука што ја донел. Во дел од ситуациите кои биле јавно презентирани, како предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, тој посочува дека воопшто не бил присутен, за што, како што тврди, поседува соодветни докази. Дополнително, нагласува дека за тие материјали постои официјален записник, кој е дел од доказниот материјал во предметот „Таргет-Тврдина“.

Според него, настапите на Кадриу се обид да се загрози неговиот професионален интегритет и да се изврши притисок врз неговата работа како јавен обвинител, при што потсетува дека причините за нејзиното отстранување од СЈО, а подоцна и од редовното обвинителство, се добро познати во јавнообвинителската организација и биле предмет на соодветни постапки.

„Мотивите за овие и слични настапи ми се јасни, но нема да подлегнам на лаги и манипулации“, наведува Бубевски.

Тој додава дека ќе ги искористи сите законски механизми за заштита. Тој информира дека веќе поднел тужба и против уште еден адвокат, поранешен обвинител, кој, како што вели, јавно настапува со исти намери.

Бубевски изразува очекување дека во судска постапка ќе се утврди вистината, а со тоа и кредибилитетот на, како што ги нарекува, поединците кои подолг период ја манипулираат јавноста со невистини за состојбите во правосудството.

CATEGORIES
Share This