НА 96. ГОДИШНА ВОЗРАСТ ПОЧИНА КОСТА БАЛАБАНОВ – Истакнат историчар на уметноста и сценарист
Пионер во истражувањата на средновековните споменици и автор на документарни филмови

На 96-годишна возраст почина Коста Балабанов, истакнат историчар на уметноста и археолог, автор на повеќе од 200 стручни и научни трудови посветени главно на средновековната уметност. Тој беше и филмски и телевизиски сценарист, како и долгогодишен почесен конзул на Јапонија во Република Северна Македонија.
Балабанов е роден на 5 април 1929 година во Штип. Во 1953 година започна да работи во Централниот завод за заштита на споменици од културата како историчар на уметноста-конзерватор. Две години подоцна, во 1955, дипломира историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Во 1955 година ја објавува својата прва посебна книга, посветена на истражувањата на Топличкиот манастир во Демир Хисар.
Балабанов започна да се занимава и со филм како автор на сценарија и текстови за документарни филмови за археологијата и средновековната уметност на територијата на Македонија. Соработувал со „Вардар филм“ и ТВ Скопје (МРТВ), а според неговите текстови се реализирани 32 документарни филмови и епизоди, често синхронизирани на странски јазици.
Од 1981 година работеше во Републичкиот завод за заштита на спомениците, а во 1994 година беше именуван за почесен генерален конзул на Јапонија во Македонија и за директор на Јапонскиот информативен центар во Скопје. На 5 април 1989 година се пензионира.
За својот долгогодишен придонес, Балабанов доби бројни награди и признанија. Во 1975 година е добитник на Медал и диплома за извонреден придонес во заштита на културното наследство од Сојузот на здруженијата на конзерватори на Југославија, во 1986 Медал „Памјаткови“ од Претседателството на Заводите за заштита на спомениците на културата на Полска во Варшава, за успешна соработка, во 1995 доби Признание од Министерството за надворешни работи на Јапонија за истакнат придонес во меѓународната соработка и во 2001 година Сребрен пехар со Златен амблем од Министерството за посебни заслуги на Јапонија за продлабочување на пријателството и соработката со Македонија. Истата година ја доби и „Специјалната награда на Јапонската Државна Фондација“, како прв од двајцата светски добитници.


