НАД 19,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ТРГОВСКА РАЗМЕНА – Пет земји со речиси половина од вкупната трговска размена

Увозот расте побрзо од извозот и го зголемува трговскиот дефицит

НАД 19,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ТРГОВСКА РАЗМЕНА – Пет земји со речиси половина од вкупната трговска размена
Фото: Принтскрин

Вкупната трговска размена на државата во периодот јануари – декември 2025 година изнесувала 19.553,6 милиони евра, соопшти Државниот завод за статистика. Извозот достигнал 8.008,2 милиони евра и е зголемен за 2,9 отсто во однос на истиот период претходната година, додека увозот изнесувал 11.545,4 милиони евра, што претставува раст од 4,4 проценти.

Најголем дел од вкупната трговска размена е остварен со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 47,8 отсто. Земјите членки на Европската Унија имаат удел од 58,9 проценти во вкупната размена.

Во споредба со 2024 година, извозот во Германија е намален за 6,4 отсто, а увозот за пет проценти. Наспроти тоа, трговијата со Велика Британија бележи значителен раст и извозот е зголемен за 14,4 отсто, а увозот за 19,3 проценти. Извозот во Србија е зголемен за 2,2 отсто, додека увозот пораснал за 10,6 проценти.

Според Стандардната меѓународна трговска класификација, во извозот најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење за возила, авиони и бродови, како и деловите за седишта. Во увозот доминираат нафтените масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), металите од платинската група и нивните легури, платината и легурите на платина, како и моторните возила за превоз на лица.

CATEGORIES
Share This