ИСТОРИСКИ НАСТАП – Македонија со четворица скијачи на ЗОИ 2026
МОК соопшти дека сите четворица македонски спортисти имаат исполнета олимписка норма и ќе настапат во алпско и нордиско скијање

Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска им посака успешни настапи на македонските скијачи кои ќе ја претставуваат земјава на Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026.
Македонската репрезентација во Италија ќе настапи со новата официјална зимска опрема на брендот „JOMA“, специјално изработена за потребите на тимот и прилагодена за екстремни зимски услови.
На денешната прес-конференција, претседателот на МОК, Даниел Димевски, изрази особено задоволство од фактот што Македонија за првпат ќе има четворица спортисти со исполнета олимписка норма.
„Досега не се случило четири македонски натпреварувачи, и тоа сите со остварена норма, да бидат дел од Зимските олимписки игри. Македонскиот олимписки комитет ги обезбеди сите неопходни услови за нивна подготовка и настап, вклучително и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека можеме да оствариме добар резултат и се надевам дека нашите скијачи ќе се претстават во најдобро светло“, изјави Димевски.
Со оптимизам кон Олимпијадата гледаат и македонските натпреварувачи, кои најавуваат максимален ангажман и борба за што подобар пласман на италијанските патеки.
Македонија на ЗОИ 2026 ќе ја претставуваат:
Ана Цветановска, која ќе настапи во нордиско скијање – дисциплини спринт и интервал старт на 10 километри;
Ставре Јада, исто така во нордиско скијање – спринт и интервал старт 10 км;
Јана Атанасовска, во алпско скијање – слалом и велеслалом; и
Мирко Лазарески, во алпските дисциплини слалом и велеслалом
Нордиските скијачи ќе настапуваат на 10, 12 и 13 февруари, додека Атанасовска и Лазарески ќе ги видиме на патеките на 14, 15 и 18 февруари.
Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026 ќе се одржат во периодот од 6 до 22 февруари.

