ПО 15 ГОДИНИ ПАУЗА – Србија ја враќа воената служба
Регистрацијата на регрути почнува оваа есен, а првите војници ќе пристигнат во декември или март.

Србија се подготвува за враќање на задолжителната воена служба, која ќе започне со регистрација на регрути веќе во септември или октомври, а првите млади војници би можеле да пристигнат во касарните во декември оваа година или март следната. Воената служба ќе трае 75 дена, со околу 60 дена обука во касарна и на полигони и 15 дена на терен.
Во буџетот за наредните три години се издвоени околу 86,5 милиони евра за воена служба, додека вкупните средства за одбрана достигнуваат 2,65% од БДП, при што повеќе од половина одат за модернизација и инвестиции во опрема и инфраструктура.
Реконструкцијата на касарните започнала во 2024 година, а интензивната подготовка на сместувачките капацитети се одвивала во 2025 година. Паралелно се набавува и ново оружје и опрема, бидејќи Србија нема редовна воена служба повеќе од 15 години.
Особено внимание се посветува на обука на постариот персонал, кадетите од завршните години на Воената академија ги обучуваат помладите, стекнувајќи практика за работа со регрути. Првите контингенти ќе бидат клучни за формирање на јавното мислење за враќањето на воената служба.
Претседателот Александар Вучиќ истакна дека 75 дена се кратко време за обука, но е важно за подмладување на резервниот состав и за развој на одговорност и дисциплина кај младите. Министерот за одбрана Братислав Гашиќ додаде дека се подготвени законски решенија за регрутирање на мажи од 18 до 30 години, додека жените ќе можат доброволно да служат.
Првите регрути ќе бидат дел од генерации од околу 5.000 војници, кои секоја година ќе продолжат да имаат вежби и обуки за одржување на стекнатите знаења.

