ДОМАЌИНОТ ТРЕНДАФИЛОВ ЧЕКАШЕ – Гостите од владата не дојдоа
Минималната плата треба да достигне 600 евра во нето од февруари, додека останатите плати ќе се зголемат за најмалку 6.000 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска објави дека утрово во 9 часот Синдикатот го очекувал претставникот на Владата за потпишување на Спогодбата за утврдување на висината на минималната плата. Спогодбата предвидува минималната плата да се зголеми на 600 евра во нето, почнувајќи со исплатата за февруари 2026 година, додека останатите плати треба да се зголемат за најмалку 6.000 денари.
„Денеска паднаа маските и се разобличија лагите што претставниците на Владата ги изјавуваа изминатите денови, со што се создаваше сомнеж кај работниците. Денеска тие не дојдоа на поканата, имале други приоритети, и јасно се покажа дека зголемувањето на платите не е меѓу нивните приоритети“, истакна Трендафилов.
Тој додаде дека Владата, по големиот работнички протест и долгогодишната борба на Синдикатот на УПОЗ, конечно го прифати предлогот за зголемување на платите во јавната управа и правосудството.
„Сепак, требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор“, нагласи Трендафилов.

