МАКЕДОНИЈА ВО БАРАЖ ЗА СП 2027 – Противник Украина или Словачка

Македонската репрезентација ќе се бори за место на Светското првенство во Германија

МАКЕДОНИЈА ВО БАРАЖ ЗА СП 2027 – Противник Украина или Словачка
Фото: Принтскрин

Македонската ракометна репрезентација ќе се бори за пласман на Светското првенство 2027 во Германија во баражот од третата фаза, каде што ќе игра против победникот од двомечот меѓу Украина и Словачка, кој ќе се одигра во март.

Селекторот Кирил Лазаров повика на внимателност и сериозен пристап, без разлика кој ќе биде противник.

„Треба да бидеме задоволни од извлекувањето. Напорно работевме за да стигнеме до позицијата да бидеме во групата на носители и сега сме на добар пат да обезбедиме ново учество на голем настан и да ја продолжиме традицијата на успеси. Мораме да се однесуваме сериозно и професионално. Имаме максимална почит кон националните тимови на Украина и на Словачка. Наскоро ќе дознаеме точно против кого ќе играме, но веќе сега треба да направиме добар план и да бидеме подготвени за двата натпревари во мај“, изјави Лазаров.

Првиот меч македонските ракометари ќе го играат на гости на 13 или 14 мај, додека реваншот ќе се одигра на домашен терен, најверојатно во Скопје, на 16 или 17 мај.

Инаку, Европската ракометна федерација при извлекувањето направи грешка. Според пропозициите, прво се влече топче од „шешир носители“, потоа од „шешир неносители“, а редоследот на извлекување ја одредува и домашната теренска предност. Првично ова не се спроведе правилно, но по повтореното извлекување беше одлучено првиот натпревар да биде на теренот на противникот, а реваншот во Македонија.

CATEGORIES
Share This