ПОЧИНА ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ – Голем поет, писател и наставник
Поет, писател и преведувач со над триесет изданија, чија поезија ја надмина границата на Македонија.

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) со длабока тага ја соопшти веста за прераната смрт на Тихомир Јанчовски (1967-2026). Тој остави богато и разноврсно творештво како поет, писател, преведувач, професор, музичар и издавач.
Јанчовски е автор на над триесет книги, главно поезија, поетски романи и преводи. Меѓу неговите дела посебно се издвојува историскиот труд „Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“ (2010). Неговата поезија ја надмина границата на државата и четири од неговите книги се преведени на странски јазици, а избори од неговото творештво се објавувани на англиски, француски, германски, италијански, руски и други јазици.
Покрај својот писателски опус, Јанчовски ќе остане запаметен и како омилен наставник на многу генерации средношколци. Со својата искреност, автентичност и креативност, тој остави траен белег како предавач во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

