РУРАЛНА МАКЕДОНИЈА НА ЕДНО МЕСТО – Саем за туризам во Скопје
Утре и задутре ќе се претстават рурални домаќинства, органски производи и автентични туристички доживувања од цела Македонија

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на прес-конференција ќе го најави Саемот за туризам: рурални домаќинства во Македонија, кој ќе се одржи утре и задутре, на 31 јануари и 1 февруари, во Скопје.
На настанот ќе се обратат и директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, Душко Неделковски, амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, како и заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, Михал Харари. Тие ќе ги презентираат целите, програмата и значењето на саемот, со акцент на развојот на руралниот туризам, поддршката на малите рурални домаќинства и органското производство, како и на меѓународната соработка во оваа област.
Саемот ќе ги обедини најавтентичните рурални приказни од Македонија и ќе го доближи искуствениот туризам до пошироката јавност, нагласувајќи дека патувањето не е само дестинација, туку доживување, поврзување и активно учество во секојдневниот селски живот.
Ќе се претстават мали рурални домаќинства со капацитет до дваесетина легла, семејни винарници со можност за дегустации, понуди за сместување и угостителство, како и земјоделски и рурални бизниси што нудат мир, природна убавина и автентично гостопримство.
Посетителите ќе имаат можност да дегустираат и да купат органски производи, традиционални преработки, локални деликатеси, вина и ракии од различни региони на земјата, со цел директно поврзување со производителите и промоција на локалното производство.
Програмата е наменета за домашни и странски посетители, туристички професионалци, семејства и љубители на рурални доживувања, а влезот е бесплатен. Посетителите ќе можат да се информираат за можности за краток и подолг престој и да учествуваат во автентични активности како месење пита, печење леб на традиционален начин, часови по традиционално готвење, активности во природа и сезонски земјоделски работи.
Организаторите истакнуваат дека искуствениот туризам нуди подлабоко и поавтентично доживување од масовниот туризам, овозможувајќи им на посетителите да станат дел од локалната заедница и културата.
За време на саемот, сите посетители ќе добијат ваучер со 15 отсто попуст на производите и услугите што ги нудат руралните домаќинства. Покрај тоа, ќе бидат организирани музички и стендап-перформанси, детски катчиња, како и презентации на гастрономски, вински и едукативни пакети.
Саемот е организиран од „Јавна соба“ – Скопје, Министерството за култура и туризам, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

