ПОСЛЕДНА ШАНСА ЗА ОХРИД – УНЕСКО одлучува во јуни
Одлуката дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светско наследство во опасност се очекува на сесијата на УНЕСКО во јуни

Извештајот за состојбата и мерките за спас на Охридското Езеро е доставен до УНЕСКО, потврди денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој информираше дека одговорот дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светско наследство во опасност се очекува во јуни, на следната сесија на УНЕСКО, која ќе се одржи во Јужна Кореја.
Според Љутков, состојбата со Охрид и Охридското Езеро не е резултат на настани од поново време, туку на процес кој трае повеќе од три децении.
„Ги прибравме сите потребни податоци од релевантните институции и, врз основа на нив, како и на комуникацијата со Албанија, беше изработен извештајот. Во меѓувреме формиравме и Кризен штаб со цел состојбата да се подигне на многу повисоко ниво. Штабот одржа два состанока и даде свое мислење. Извештајот беше разгледан од Националната комисија за УНЕСКО, а потоа и усвоен од Владата, по што беа усогласени македонскиот и албанскиот документ и испратени до УНЕСКО“, изјави Љутков, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за Саемот за туризам што ќе се одржи викендов во Скопје.
Тој нагласи дека земјата мора да биде подготвена на сите можни сценарија.
„Лани беше последната опомена. Рокот од седум месеци што ни беше даден е јасен сигнал дека постои сериозна намера Охридскиот регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност. Сè може да се очекува. Нашата цел е да спречиме таква одлука и да издејствуваме дополнително време за спроведување на мерките“, рече министерот.
Македонија и Албанија имаа обврска најдоцна до 1 февруари 2026 година да достават детални извештаи до УНЕСКО за преземените активности за заштита на Охрид и Охридското Езеро, со цел зачувување на статусот на светско природно и културно наследство и избегнување на нивно ставање на Листата на светско наследство во опасност.

