ПОЛИЦИСКА СОРАБОТКА МЕЃУ СКОПЈЕ И ТИРАНА – One Stop систем и 24/7 граничен премин на Џепиште – Требиште
Двете земји најавуваат побрз проток на граѓани, заеднички гранични контроли и нов Центар за полициска и царинска соработка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Министерството за внатрешни работи оствари билатерална средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу, која престојува во официјална посета на земјава.
На средбата беа разгледани повеќе прашања од заеднички интерес, со фокус на унапредување на соработката меѓу двете министерства. Акцент беше ставен на плановите за имплементација на One Stop системот и со Република Албанија пред почетокот на туристичката сезона, можноста граничниот премин „Џепиште – Требиште“ да работи 24 часа во текот на целата година, како и активностите поврзани со нацрт-договорите за воспоставување заеднички гранични контроли и за основање и функционирање Центар за полициска и царинска соработка.
„Како што успешно го имплементиравме One Stop системот со Косово и Србија, сметам дека пред летната сезона можеме истото да го направиме и со Албанија, со што значително ќе се намали времето на чекање на границите и ќе се овозможи побрз проток на граѓаните. Дополнително, ја разгледавме можноста граничниот премин Џепиште-Требиште, кој сега работи со ограничено работно време, да функционира 24/7 во текот на целата година, во согласност со капацитетите на двете министерства“, изјави министерот Тошковски.
Во рамки на посетата се одржа и средба на високо ниво меѓу министрите за внатрешни работи и директорите на царинските служби на двете земји, посветена на воспоставување Заеднички контакт центар за полициска и царинска соработка. Центарот ќе овозможи побрза размена на информации, подобра координација и поефикасно заедничко дејствување во борбата против прекуграничниот криминал, нелегалната миграција, трговијата со дрога и другите безбедносни предизвици.
Тошковски истакна дека Македонија веќе има воспоставено четири заеднички контакт центри – на Деве Баир со Бугарија, Ќафасан со Албанија, Блаце со Косово и Табановце со Србија и кои секојдневно функционираат како клучен механизам за размена на информации и рано предупредување. Новиот Центар за полициска и царинска соработка, како што нагласи, ќе ја зајакне оваа мрежа и ќе придонесе за поефикасна гранична контрола и борба против организираниот криминал.
Министерот додаде дека ваквите иницијативи се јасна потврда за меѓусебната доверба и стратешкото партнерство меѓу двете земји.
На средбата беше потврдена и заедничката заложба на Република Северна Македонија и Република Албанија за понатамошно продлабочување на добрососедските односи, зајакнување на регионалната стабилност и унапредување на европската перспектива на регионот.

