350.000 ЕВРА ЗАЅИДАНИ ВО ЅИД – Судскиот совет без пријави од колеги за судијата Ристов

Претседателот на Судскиот совет вели дека постапиле по барање на Кривичниот суд и дека досега немало пријави од колеги-судии од Апелација

350.000 ЕВРА ЗАЅИДАНИ ВО ЅИД – Судскиот совет без пријави од колеги за судијата Ристов
Фото: Национал

Судскиот совет постапил по барањето на Основниот кривичен суд, а понатаму истрагата треба да ги утврди сите релевантни факти, изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, коментирајќи го одземањето на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов.

Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, перење пари и други приноси од казниво дело, откако полицијата во домот на неговите родители во Неготино пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.

Во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет, Камбовски рече дека не знае точно колку пријави досега биле поднесени против судијата Ристов, но нагласи дека од негови колеги од Апелациониот суд немало пријави до Советот.

„Во Судскиот совет има голем број претставки. Јас, искрено, не се сеќавам дека имало конкретна претставка за земање мито или слично. Колку што ми е познато, имаше случај поврзан со негово неизземање од предмет, каде што, според наводите, требало да се изземе. За други конкретни пријави во моментов не можам да тврдам. Ќе ви дадеме официјален одговор, за да не излезе дека давам неточна информација“, изјави Камбовски.

На прашањето дали имало пријави од судии и негови колеги од Апелација против Ѓоко Ристов, Камбовски одговори негативно.

„Од колеги-судии, досега немало пријава во Судскиот совет. Имало можеби претставки, па и анонимни, но од колеги не“, рече тој.

Камбовски беше прашан и за утрешниот избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, како и дали еден од кандидатите, Хасан Асани, имал дисциплинска постапка.

„Не можам во моментов да кажам. Годишно имаме околу 600 до 700 претставки за судии. Со оглед дека во државата има околу 400 судии, можно е да имало претставка и за него“, изјави Камбовски.

Тој додаде дека досега немало случај судија кој бил дисциплински казнет да се пријави на ваков оглас.

„Колку што ми е познато, сите кандидати досега биле со примерно однесување и без забелешки од Судскиот совет“, истакна Камбовски.

Во пресрет на утрешните непосредни избори, на кои ќе се бира еден член од пет кандидати (откако еден од шесте пријавени ја повлекол кандидатурата), Камбовски изрази надеж дека процесот ќе помине во најдобар ред.

„Се надевам дека судиите ќе излезат и ќе го дадат својот глас. Гласањето се спроведува на територија на целата држава и му посакувам среќа на секој кандидат и да победи оној кого колегите ќе го препознаат како најсоодветен да ги претставува“, порача претседателот на Судскиот совет.

CATEGORIES
Share This