НАТО ДИЛЕМА – Руте вели без американците нема одбрана, Франција возвраќа Европа може сама да се брани

Францускиот министер за надворешни работи остро го критикува генералниот секретар на НАТО и ја брани европската способност за одбрана, додека Руте упорно тврди дека Европа не може без САД

НАТО ДИЛЕМА – Руте вели без американците нема одбрана, Франција возвраќа Европа може сама да се брани
Фото: Принтскрин

Француската влада остро реагираше на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа не може да се одбрани без поддршка од САД.

„Не, драг Марк Руте. Европејците можат и мора да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Дури и Соединетите Американски Држави се согласуваат. Тоа е европскиот столб на НАТО“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро.

Руте, во понеделникот на Европскиот парламент, изјави дека континентот не може да се одбрани без американска поддршка и ја отфрли идејата за европска армија – концепт неодамна оживеан од комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус. Тој додаде дека „европскиот столб на НАТО е малку празен збор“.

Сепак, американската администрација, под раководство на Доналд Трамп, посочува дека Вашингтон ќе биде помалку вклучен во европската безбедност. Новата Национална одбранбена стратегија на САД ја потенцира потребата Европејците сами да преземат водечка улога во справувањето со заканите, истакнувајќи дека Европа е доволно економски и воено силна за да се одбрани од Русија. Минатата година, Трамп успеа да ги убеди европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од БДП.

Француските претставници беа еденогласни во критиките кон Руте. Поранешната амбасадорка на Франција во НАТО, Муриел Доменак, напиша на Платформа X дека „мавтањето со европската слабост за да се обезбеди американска гаранција е застарен пристап и испраќа погрешна порака до Русија“.

Министерката за вооружени сили на Франција, Катрин Вотран, истакна дека денешната ситуација ја нагласува потребата од европски столб во НАТО. Идејата Европејците да станат колективно посилни во рамките на воениот сојуз првпат ја предложи Франција пред неколку години и сега ја поддржуваат и други земји, вклучително и Германија.

Исто така, изјавите на Руте се во спротивност со ставот на финскиот претседател, Александар Стаб, кој минатата недела во Давос изјави дека Европејците се способни сами да се одбранат.

CATEGORIES
Share This