СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ НА ХОЛОКАУСТОТ – Денес се одбележува ослободувањето на Аушвиц-Биркенау
Глобална посветеност на овој трагичен настан во историјата ја покажува и резолуцијата на ОН за сеќавање на Холокаустот

Денес се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот. На овој ден во 1945 година беше ослободен концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.
Црвената армија го ослободи логорот, каде што беа пронајдени околу 7.000 преживеани затвореници, меѓу кои 700 деца. Тоа означи крај на еден од најстрашните злосторства во човечката историја, кој траеше 1.689 дена и во кој беа убиени повеќе од еден милион луѓе, претежно Евреи.
Милиони луѓе низ цела Европа беа прогонувани, третирани крајно нечовечки, лишени од достоинство и на крајот убиени од нацистите и нивните соработници во периодот од 1933 до 1945 година.
Во 2005 година, Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција за одбележување на овој ден. Со неа, земјите-членки се повикуваат да ги почитуваат жртвите на Холокаустот и да развиваат образовни програми кои промовираат решителност за спречување на идни геноциди.
Особено е значајно одбележувањето на овој ден во европските земји, каде што за време на Втората светска војна животите ги загубиле 53 милиони луѓе, од кои речиси 31 милион биле цивили.
Меѓу нив, многу Евреи беа скриени од јули 1942 до август 1944 година, но на крајот беа откриени и депортирани во германски и холандски концентрациони логори. Во тоа време, Ана Франк го водеше својот дневник, кој станал една од најчитаните книги во светот, преведен на 67 јазици и продаден во над 30 милиони примероци.
Во својот дневник, Ана напиша:
„Без разлика што, јас сè уште верувам дека луѓето се навистина добри по срце“.
Таа почина во концентрациониот логор Берген-Белзен, гладна и погодена од тифус, кратко пред ослободувањето на логорот и неколку месеци пред да го прослави својот 16-ти роденден.
Точниот датум на смртта на Ана (15 години) и нејзината сестра Марго (19 години) не е прецизно утврден, но официјално е наведено дека тие починале на 31 март 1945 година. Двете биле погребани во масовна гробница, а нивните тела никогаш не биле пронајдени.
Откако се криеле повеќе од две години во задните простории на компанијата на таткото на Ана во Амстердам, Ана, нејзиното семејство, семејството Ван Пелт и стоматологот Фриц Фефер беа откриени и депортирани во логорот на 4 август 1944 година.
На 1 ноември 1944 година, Ана и Марго биле одвоени од мајка им и префрлени во логорот Берген-Белзен со уште 70 други лица. Патувањето траело два дена, без да знаат каде ги носат. Таму останале три до четири месеци, додека не умреле.
Некои преживеани затвореници се сеќаваат на Ана и Марго. Нанет Блиц, поранешна соученичка на Ана, која исто така преживеала во Берген-Белзен, изјавила дека Ана до декември веќе била во многу лоша состојба:
„Изгледаше како скелет. Беше завиткана во ќебе и не можеше да носи облека бидејќи вошките лазеле по неа“.

