ДЕНЕС ПРОТЕСТ НА КАМИОНЏИИТЕ – Блокирани девет гранични премини

Патничките возила и автобусите ќе сообраќаат непречено, протестот на „Макам-транс“ може да трае до седум дена

ДЕНЕС ПРОТЕСТ НА КАМИОНЏИИТЕ – Блокирани девет гранични премини
Фото: Национал

Министерството за внатрешни работи преку Одделот за гранични работи и миграција ја информира јавноста дека денеска, 26 јануари 2026 година, од 12:00 часот е најавен јавен протест од асоцијацијата „Макам-транс“.

Според најавата доставена до МВР, протестот ќе се одвива на граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.

Протестните активности ќе се манифестираат со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на лентите и терминалите наменети за товарен сообраќај. Патничките возила и автобусите ќе можат да сообраќаат непречено на сите гранични премини.

Организаторот најавува дека протестот може да трае до седум дена, со можност за негово предвремено прекинување доколку се надминат причините поради кои е организиран.

Министерството за внатрешни работи ќе преземе соодветни мерки за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден сообраќај, со посебен акцент на непречено движење на патничките возила, автобусите, како и на возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

Од МВР апелираат граѓаните и превозниците редовно да се информираат за состојбата на граничните премини преку официјални канали и, доколку е потребно, да користат алтернативни премини.

CATEGORIES
Share This