ПРЕСВРТ ЗА НАДЕЖ – Словенија славеше против Унгарија

По поразот од Шведска, Словенците одиграа одлично второ полувреме и стигнаа до значајни бодови во главната рунда

ПРЕСВРТ ЗА НАДЕЖ – Словенија славеше против Унгарија
Фото: Принтскрин

Словенија стигна до значајни бодови во главната рунда на Европското првенство, откако ја совлада Унгарија со 35-32 и ја забележа првата победа во оваа фаза од натпреварувањето. По претходниот пораз од Шведска, овој триумф е од клучно значење во борбата за пласман во полуфиналето, а Словенците сега имаат вкупно четири бода.

Унгарија беше подобар противник во првото полувреме, контролирајќи ја играта и стекнувајќи предност и до четири гола разлика (12-16, 13-17). На полувреме резултатот изнесуваше 15-17 во корист на Унгарците.

Сепак, во вториот дел Словенија заигра значително подобро, го презеде водството и во продолжението успешно одржуваше предност од два до три гола, што на крајот се покажа како доволно за победа.

Јанц беше најефикасен кај Словенија со 10 постигнати голови, додека Јовичиќ додаде пет, од кои два во клучни моменти од натпреварот. Кај Унгарија, Имре се истакна со осум погодоци.

CATEGORIES
Share This