ЕХФ ПРИЗНА – Германија постигна спорен гол против Португалија
Спорниот гол беше постигнат во последните секунди од мечот

Германија ја победи Португалија со 32-30 во првото коло од главната рунда на Европското првенство во ракомет, но спортскиот исход падна во сенка поради спорен гол во самиот финиш.
Клучната ситуација се случи во последните секунди, кога германски играч изведе почетно фрлање од центар, а топката заврши во мрежата на Португалија. Португалската клупа веднаш реагираше, посочувајќи дека двајца германски играчи ја преминале централната линија пред судиската одлука, што според нив требало да резултира со поништување на голот.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) подоцна потврди судиски пропуст и во официјално соопштение објасни дека „играчите со броевите 5 и 23 ја поминале централната линија пред свирежот, а играчот со број 23 потоа постигна погодок. Исправна одлука би било повторување на почетното фрлање, но проценивме дека тоа немаше да влијае на поседот на топката“.
Од ЕХФ додадоа дека ваквите ситуации не се предмет на ВАР-системот, бидејќи не се сметаат за „Game Changing Situations“.

