УСЈЕ ВОЗВРАЌА – Не сме виновни за загадениот воздух во Скопје

Техничкиот директор вели дека фабриката една недела не работи, а загадувањето во Скопје не се намалува

УСЈЕ ВОЗВРАЌА – Не сме виновни за загадениот воздух во Скопје
Фото: Принтскрин

„Цементарница Усје“ не е главната причина за загадувањето на воздухот во Скопје, тврди менаџментот на компанијата. Техничкиот директор Гоце Цветковски изјави дека фабриката веќе една недела воопшто не работи, а нивото на загадување во главниот град останува приближно исто.

Според него, компанијата работи целосно во согласност со националното и европското законодавство и ги почитува условите од еколошката дозвола, кои, како што нагласи, се построги од законските барања. Цветковски оцени дека загадувањето во Скопје е мултифакториски проблем и дека е несоодветно вината да се лоцира кај еден субјект.

„Целосно ја разбираме загриженоста на граѓаните за квалитетот на воздухот, но ‘Цементарница Усје’ не е причина за загадувањето. Бројни студии за потеклото на честичките во амбиенталниот воздух не ја посочуваат индустријата како доминантен фактор“, изјави Цветковски.

Тој потенцираше дека фабриката располага со 24-часовен мониторинг систем кој во секоја секунда ги мери емисиите од сите оџаци и дека резултатите покажуваат целосна усогласеност со законските и европските стандарди.

Цветковски смета дека нема основа за дислокација на фабриката, какво што бараат дел од граѓаните и активистите, но посочи дека компанијата е отворена за јавна и стручна дебата за утврдување на реалните извори на загадување.

Тој појасни и дека запирањето на производството е дел од редовните зимски ремонти. Едната линија била запрена на 20 декември, а втората на 16 јануари, по што фабриката целосно престанала со работа.

„И покрај тоа, загадувањето во Скопје останува на исто ниво, што дополнително покажува дека ‘Усје’ не е главниот причинител“, рече Цветковски.

Претходно, генералниот извршен директор на „Титан Усје“, Константинос Николау, истакна дека компанијата има за цел нула нето емисии на јаглерод до 2050 година. Во последните шест години биле инвестирани 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони за унапредување на оперативното работење и еколошките стандарди. Во следните три години се планираат нови инвестиции од 30 милиони евра.

Николау нагласи дека компанијата повеќе од 70 години е дел од заедницата и поседува А-интегрирана еколошка дозвола. „Титан Усје“ има повеќе од 500 директни и индиректни вработени и соработува со над 3.000 добавувачи, придонесувајќи со повеќе од 50 милиони евра во македонската економија.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, изјави дека посетата се случува во чувствителен период и повика на дијалог. Тој нагласи дека е неопходно да се најде баланс меѓу индустрискиот развој и заштитата на животната средина и најави можност за организирање меѓународна конференција и независен мониторинг на загадувањето.

CATEGORIES
TAGS
Share This