ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРОТИВ, СУДОТ ОДЛУЧИ – Марковски на слобода со гаранција од речиси 5 милиони евра
И покрај негативното мислење на обвинителството, Основниот суд во Битола ја прифати гаранцијата.

Сопственикот на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија, Борче Марковски, е пуштен од притвор, дознава Телма. Според неофицијални информации, тој дал гаранција во вредност од околу 5 милиони евра, со цел да се обезбеди дека нема да избега.
Гаранцијата опфаќа недвижен и движен имот – куќа со двор во Битола, како и три стана во истиот град, сите во сопственост на „Марковски компани“. Како движен имот се наведени и 25 булдожери и камиони што припаѓаат на фирмата.
Одлуката ја донел Основниот суд во Битола, и покрај тоа што Основното јавно обвинителство во Битола претходно дало негативно мислење по неговото барање. Судот му определил мерки на претпазливост, меѓу кои обврска еднаш неделно да се јавува во судот и привремено одземање на патната исправа.
Од обвинителството за Телма ја потврдија информацијата и соопштија дека поднеле приговор во однос на надлежноста на Кривичниот совет, сметајќи дека одлуката требало да ја донесе Апелацискиот суд.

