ПРОТЕСТИ СО ТРАКТОРИ ВО БРИСЕЛ – Земјоделците против трговскиот договор со Меркосур

Земјоделците тврдат дека договорот со Меркосур го загрозува европското земјоделство и безбедноста на храната

ПРОТЕСТИ СО ТРАКТОРИ ВО БРИСЕЛ – Земјоделците против трговскиот договор со Меркосур
Фото: Принтскрин

Во реонот на Атомиумот во Брисел денеска започнаа протести на белгиските земјоделци против трговскиот договор на ЕУ со Меркосур, кој беше потпишан вчера во Парагвај.

Протестите стартуваа околу 10 часот со движење на колони трактори низ улиците на Брисел, кои се упатија кон Атомиумот.

Организатори на протестот се Генералниот синдикат на земјоделците (АБС) и Обединетите млади земјоделци (ВЈЛ), кои најавуваат дека реонот околу Атомиумот ќе биде блокиран од „стотици трактори“. Целта е да се искаже незадоволството од договорот со Меркосур, за кој земјоделците тврдат дека носи големи ризици за европското земјоделство, ја загрозува безбедноста на храната и создава нелојална конкуренција.

Според АБС и ВЈЛ, договорот ја доведува во ризик иднината на европското земјоделство, бидејќи додека земјоделците во ЕУ се обврзани да работат според строгите стандарди, увезените производи од Меркосур „често се произведуваат според пофлексибилни правила“. Дополнително, тие предупредуваат дека договорот може да има негативни последици за благосостојбата на животните и да ја загрози безбедноста на потрошувачите.

Земјоделците ги повикуваат политичарите, медиумите и граѓаните да се заложат за раскинување на договорот со Меркосур и за заштита на земјоделството и потрошувачите.

Организаторите исто така ги повикуваат европратениците да осигураат дека „локалната, безбедна и фер храна останува норма“ и да не го одобрат договорот со Меркосур.

CATEGORIES
Share This