ПРЕТРЕС КАЈ СУДИЈА ОД АПЕЛАЦИОНЕН СУД – Пронајдени 350.000 евра сомнителен имот
Претресите се спроведени во домот на родителите на осомничениот судија во Неготино

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денес откри детали од претресите поврзани со судијата од Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја води истрагата која започна на 14 декември, кога беше осомничен еден адвокат за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Истражните дејствија интензивно продолжија и беа проширени кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, кој сега е осомничен за „Противправно стекнување и прикривање имот“, за кој постои сомнение дека е прибавен, меѓу другото, преку корупција и трговија со влијание.
Денес, врз основа на наредба од надлежниот суд, беше извршен детален претрес во домот на родителите на осомничениот судија во Неготино. Во ѕиден простор во домот се пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде редовно известувана за текот на постапката.
Станува збор за една од најобемните истраги за висока корупција во државата, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност. Дејствата се координирани од јавниот обвинител, а ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при МВР и Управата за финансиска полиција. Нивната посветеност и професионален интегритет помогнаа во успешно обезбедување докази за сериозен и сложен криминал.


