ОБЕДИНУВАЊЕ НА АЛБАНСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ – ЕДП се приклучува кон ДУИ

Централното собрание на ЕДП ја прифати иницијативата за политичко приближување со ДУИ

ОБЕДИНУВАЊЕ НА АЛБАНСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ – ЕДП се приклучува кон ДУИ
Фото: Принтскрин

Централното собрание на Европската демократска партија (ЕДП) одлучи да ја прифати иницијативата за обединување со Демократската унија за интеграција (ДУИ), оценувајќи дека моментот е значаен за создавање посилно политичко јадро што ќе го претставува албанскиот електорат во Северна Македонија.

Партијата предводена од Аријанит Хоџа соопшти дека на седницата ја разгледала поканата од ДУИ и дека е донесена одлука процесот на приближување да продолжи.

„Водејќи се од важноста на најширокото можно политичко обединување на Албанците, како и од потребата за посилна заедничка артикулација, особено по последниот конгрес на ДУИ и усвоените промени и резолуции, заклучивме дека треба да се даде шанса на создавање политичка структура која ќе го задржи водечкото место во застапувањето на Албанците во државата“, соопшти ЕДП.

Централното собрание го овластило претседателот Хоџа да ги продолжи разговорите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и да ја дефинира најсоодветната форма за финализирање на процесот.

ЕДП веќе учествуваше во Европскиот фронт предводен од ДУИ на парламентарните избори во 2024 година, а коалициски настап имаше и на последните локални избори.

Аријанит Хоџа политички се афирмираше во ДПА на Арбен Џафери, потоа делуваше во Нова демократија на Имер Селмани, а подоцна премина во Беса, каде што беше генерален секретар и потпретседател. Тој беше и министер за земјоделство во владата на Зоран Заев по коалицијата Беса – СДСМ во 2020 година.

ДУИ пред два дена ги повика сите партии блиски до нејзината визија, како и интелектуалци, професионалци и граѓански организации, да ѝ се приклучат.

„ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на сите политички, интелектуални и социјални капацитети, со цел унапредување на политиките во интерес на државата и граѓаните“, порача партијата.

CATEGORIES
Share This