ФИНАНСИСКИ КРИМИНАЛ Претреси и приведувања до синоќа на повеќе локации низ државата
Лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари и даночни злоупотреби се приведени

Обвинителството за организиран криминал и корупција попладнево соопшти дека во соработка со МВР се спроведува акција која опфаќа претреси на повеќе локации низ Македонија, собирање докази, запленување на предмети и апсење на лица осомничени за финансиски криминал од поголеми размери. Најавеното официјално соопштение вчера изостана, бидејќи претресите беа во тек.
„По наредба на надлежен обвинител, се вршат претреси на повеќе локации низ државата и се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери“, се наведува во единствената официјална информација за акцијата.
Деталите за акцијата, сторените кривични дела и приведените лица ќе бидат објавени денеска.
Неофицијално, познати имиња од бизнисот, политиката или локалната самоуправа не се меѓу уапсените во оваа акција. Како и во претходните случаи, најверојатно се апсат и вработени во УЈП, без чија помош фирмите и поединците најчесто не можат да извршуваат вакви кривични дела.


