АЛИУ СО ШОКАНТНИ ПОДАТОЦИ – Деца од 13 години веќе активни пушачи
Анализата покажува дека Македонија има двојно повеќе пушачи од европскиот просек

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека околу 50 проценти од населението во Македонија е зависно од цигари, што е двојно повеќе од европскиот просек, оценувајќи ја состојбата како сериозно алармантна. Во гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, тој нагласи дека ваквите податоци се резултат на длабинска анализа спроведена пред изработката на новиот Закон за заштита од пушење.
Според анализата, просечниот пушач во земјава консумира меѓу 18 и 22 цигари дневно, а особено загрижувачки се податоците за младите. Активни пушачи има кај 7,7 проценти од децата на возраст од 13 до 14 години, додека кај младите од 15 до 16 години тој процент достигнува околу 37. Употребата на електронски цигари кај младите, пак, изнесува дури 40 проценти.
Алиу истакна дека законите сами по себе не се доволни доколку не постои функционален систем за нивно спроведување и следење, што, според него, е една од причините зошто досегашните законски решенија не дале очекувани резултати.
Тој потсети дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на Електронскиот национален регистар за прописи (ЕНЕР), каде што граѓаните, институциите и организациите ќе можат да учествуваат во јавна расправа пред документот да влезе во собраниска процедура.
Министерот посебно ја нагласи опасноста од пасивното пушење, наведувајќи дека голем број граѓани, особено вработени во угостителството, секојдневно се изложени на чад од цигари иако самите не пушат. Според медицинските сознанија, пасивното пушење значително го зголемува ризикот од кардиоваскуларни и други сериозни заболувања.
Фокусот на новиот закон, како што нагласи Алиу, е насочен кон заштита на децата и младите од штетните последици на тутунот и никотинот. Целта, според него, не е казнување, туку превенција и заштита на јавното здравје, особено на најранливите категории.
Предлог-законот е усогласен со европската регулатива и со Рамковната конвенција на Светската здравствена организација. Тој предвидува целосна забрана за пушење во сите јавни и работни простории, како и строги ограничувања за рекламирање, промоција и спонзорирање од тутунската индустрија.
Дополнително, ќе биде забрането пушење во и пред здравствени, образовни, социјални, културни и спортски установи, како и во објекти за престој на деца, ученици и студенти. Забраната ќе важи и за сите видови јавен превоз, работни простории, заеднички делови на станбени згради, како и во приватни возила доколку во нив има дете.
Пушењето ќе биде дозволено исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одвоени и отворени од најмалку три страни, без стаклени или други прегради.
Еден од клучните новитети во законот е и целосната забрана за производство, увоз, дистрибуција и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови, за кои се смета дека особено ги привлекуваат младите.


