АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА ТРАМП СО ЗАКАНА ЗА ХАРВАРД Можна забрана за запишување на странски студенти
Американскиот претседател Доналд Трамп ја засили конфронтацијата со универзитетот Харвард, откако администрацијата побара детали за наводни „незаконски и насилни активности“ од странски студенти

Американскиот претседател Доналд Трамп ја засили конфронтацијата со универзитетот Харвард, откако администрацијата побара детали за наводни „незаконски и насилни активности“ од странски студенти. Според објавеното, секретарката за домашна безбедност Кристи Ноем му испратила писмо на универзитетот со закана дека, доколку до 30 април не ги предаде побараните записи, Харвард ќе се соочи со губење на сертификатот што му овозможува да запишува странски студенти.
Во академската 2024–2025 година, 27,2% од студентите на Харвард – односно 6.793 – се странски државјани. Потенцијалната забрана може сериозно да го погоди универзитетот, особено истражувачките програми, каде што веќе се размислува за отпуштања и прекинување на научни проекти, вклучително и еутаназија на лабораториски животни поради замрзнување на финансирањето.
Портпаролот на Харвард реагираше соопштувајќи дека институцијата останува цврста во својата позиција и нема да се откаже од својата автономија или од уставните права. Од таму не прецизираат дали ќе соработуваат со администрацијата, но истакнуваат дека се свесни за содржината на писмото.
Овој нов удар врз Харвард се случува во поширок контекст на тензии меѓу администрацијата на Трамп и елитните образовни институции, кои често се критикувани од страна на Белата куќа за нивната, според неа, „левичарска пристрасност“ и „толеранција на радикални ставови“.


