ЕВРОКОМЕСАРКАТА КОС СО НОВА ПОРАКА ДО МАКЕДОНИЈА Ќе го смените Уставот и пак не ви гарантираме дека ќе стигнете во ЕУ

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има“ - рече Кос

ЕВРОКОМЕСАРКАТА КОС СО НОВА ПОРАКА ДО МАКЕДОНИЈА Ќе го смените Уставот и пак не ви гарантираме дека ќе стигнете во ЕУ

Еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција истакна дека Македонија и да ги направи уставните измени, никој не може да ѝ гарантира дека потоа нема да се соочи со нови пречки на патот за членство во Европската Унија.

Изјавата на Кос доаѓа само еден ден по изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, кој рече дека уставните измени не се единствениот услов Македонија да ги почне преговорите со Унијата.

Кос вели дека ја разбира македонската позиција за гаранции, но не може да ги добие од ЕУ.

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има“ – рече Кос

Истовремено, таа додава дека тоа не значи дека Европската комисија не работи да ѝ помогне на Македонија да ги започне преговорите по кластери. Кос уште потенцира и дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и оти денеска заминува во Софија на средби со бугарски политичари. По ова, како што најавува ќе следат контакти и со политичарите во земјава.

Според Кос билатералните прашања не треба да се мешаат во процесот на пристапување во Унијата, но тоа, не значи дека билатералните прашања не се важни.

„Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување“ – истакна Кос.

Еврокомесарката зборуваше и за нова динамика и забрзување во процесот на проширување во ЕУ заснован на заслуги.

„Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме со еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста“, – потенцираше Кос.

Пред два дена шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во телевизиско рече дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија.

CATEGORIES
TAGS
Share This