ИЗВРШНИ НАРЕДБИ, ПРОТЕСТИ И ГЛОБАЛНИ ТЕНЗИИ – 2025 година под доминација на Трамп
Извршни наредби и контроверзни мерки, од повлекување од Парискиот договор до укинување на правото на државјанство по раѓање.

Годината 2025 ќе остане запаметена како пресвртна точка во современата американска и глобална политика, како година кога Доналд Трамп, 47-миот претседател на САД, продолжи да ја спроведува својата агенда „Америка на прво место“ во својот втор мандат, предизвикувајќи конфликти, протести и глобални дебати за улогата на Америка во светот.
Трамп се смета за „сеприсутен претседател“ и лидер без преседан во современата историја. Од своето појавување на политичката сцена пред една деценија, тој беше „дисруптивна сила“, но темпото на промени во првата година од неговиот втор мандат е несравниво со било што видено во речиси 250-годишната историја на САД, според CBC.
Неговата домашна агенда за 2025 година опфаќа широк спектар на прашања, од имиграција до уставни прашања. Веднаш по инаугурацијата во јануари, Трамп лансираше амбициозен пакет мерки фокусирани на зајакнување на границите, намалување на обврските на САД за климатските промени и редукција на бирократијата во федералните агенции. Администрацијата го повлече големиот дел од регулирањата на претходната администрација, истовремено промовирајќи ја стратегијата „Америка на прво место“ – од повлекувањето на САД од Парискиот договор за климата до новата национална енергетска стратегија.
На меѓународен план, Трамп ја реструктуираше глобалната трговија преку нови царински мерки и го забрза ограничувањето на имиграцијата, распоредувајќи агенти на Службата за имиграција и царина (ICE) за апсење на недокументирани мигранти и отпуштајќи федерални службеници во невидени размери. Партијата го донесе „Законот за голема убавина“, кој ги намалува даноците и федералната здравствена заштита, додека истовремено го ограничува финансирањето на климатските иницијативи.
Администрацијата спроведе и контроверзни активности во главниот град: делумно преземање на Вашингтон, структурни промени во Белата куќа без вообичаени одобренија, распоредување на Националната гарда за патролирање по улиците и чистење на јавните простори од бездомници, со слични акции во Лос Анџелес, Чикаго, Мемфис и Портланд. Центарот Кенеди, исто така, беше преименуван по Трамп од одборот на доверители што тој ги избра, што предизвика откажување на планирани настани.
Трамп издаде повеќе извршни наредби во првата година од својот мандат од кој било друг претседател во поновата историја, вклучувајќи го повлекувањето на САД од Светската здравствена организација и Парискиот договор за климата, како и укинување на правото на државјанство по раѓање, што правните експерти го сметаат за спорно. Тој воведе високи тарифи за Канада и Мексико, ја врати федералната смртна казна, го распушти Министерството за образование и ја прошири „муслиманската забрана“ за околу 20% од светските земји, тврдејќи дека мерките се неопходни за национална безбедност.
Овие акции предизвикаа масовни протести низ САД, особено на 18 октомври, кога милиони луѓе излегоа на улиците во сите 50 држави, изразувајќи незадоволство од политиките, особено околу имиграцијата и граѓанските слободи. Трамп често користи извршни наредби за да го заобиколи Конгресот и на предбожиќниот митинг во Северна Каролина призна дека неговиот стил е „многу поефикасен од традиционалниот“.
Иако го поддржуваат основните членови на MAGA, анкетите покажуваат дека неговата популарност опаѓа и околу две третини од Американците не го одобруваат неговиот начин на управување со економијата. Иако Трамп ветуваше намалување на инфлацијата од првиот ден, таа цел не е постигната, а многу експерти сметаат дека неговите трговски политики ги зголемиле цените и им наштетиле на американските потрошувачи и бизниси.
Економската политика на Трамп, особено воведувањето на високи царини и „реципрочни тарифи“, ја предизвикаа трговската тензија со Канада и Мексико. Целта, според администрацијата, беше намалување на трговскиот дефицит и заштита на домашните производители, но овие мерки предизвикаа правни предизвици и незадоволство кај потрошувачите.


