2025 ГОДИНА НА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ – Ќе се гради „Патека на бесконечноста“, тивок спомен за 63-те млади животи

Пожарот во дискотеката „Пулс“ однесе 63 животи, а истрагата откри сериозни безбедносни пропусти

2025 ГОДИНА НА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ – Ќе се гради „Патека на бесконечноста“, тивок спомен за 63-те млади животи
Фото: Социјални мрежи

2025 година ќе остане длабоко врежана во колективната меморија како година на една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. На 16 март, во раните утрински часови, за време на настап на македонската група ДНК, во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар откако пиротехнички средства употребени на сцената го зафатија таванот на објектот, преполн со млади луѓе.

Огнот за кратко време се прошири, создавајќи густ чад и паника. Единствениот, тесен излез предизвика хаос при обидот за евакуација. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, најголем дел млади, а над 200 беа повредени, што овој настан го прави најсмртоносната цивилна катастрофа од ваков вид во историјата на државата.

Подоцнежната истрага утврди дека дискотеката работела без соодветни дозволи и без исполнување на основните противпожарни стандарди. Според обвинението, токму овие пропусти и системски слабости директно придонеле за трагичниот исход.

Настанот предизвика денови на национално тажење, масовни протести и отвори силна јавна дебата за безбедноста на јавните објекти и институционалната одговорност. Повеќе лица, меѓу кои и поранешни функционери и државни службеници, беа обвинети за злоупотреби поврзани со работењето на клубот. Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот не призна вина, а судскиот процес сè уште е во тек.

Во меѓувреме, Здружението на граѓани „16-ти март“ ја претстави својата визија за меморијален простор со симболичното име „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Проектот предвидува уредување на дел од Стариот парк, создавајќи место на тишина, зеленило и достоинствено сеќавање, без масивен бетон и наметлива архитектура. Намерата е меморијалот да не биде само визуелен белег, туку простор што се чувствува – катче за тивка почит и размисла за изгубените животи.

Централниот елемент е патека во форма на знакот за бесконечност (∞), изработена од природен камен или бел мермер со нелизгачка површина, целосно пристапна и за лица со попреченост. Формата без почеток и крај ја симболизира вечноста на споменот и љубовта. Меморијалниот дел е замислен без фотографии и агресивни форми, со седум мермерни плочи на кои ќе бидат испишани по девет имиња – вкупно 63 со годините на раѓање, овозможувајќи им на посетителите да застанат, да се поклони и да се сетат.

Проектот предвидува и дискретно подно осветлување кое во вечерните часови ќе создава впечаток на „63 тивки светлини“. Во еден мирен агол ќе биде поставена фонтана со скулптура на Богородица, од која тивко ќе тече вода. „Тоа е простор за молитва, солза и утеха. Скулптурата не доминира и таа прегрнува со присуство, како мајка што чува“, порачуваат од здружението.

Во централниот дел ќе има место за положување свежо цвеќе, а целата околина ќе го задржи постоечкото зеленило. Меморијалот ќе биде отворен, без огради и простор достапен за сите добронамерници, како тивок потсетник на трагедијата што никогаш не смее да се повтори.

CATEGORIES
TAGS
Share This