НОВОГОДИШНА МАГИЈА – Дедо Мраз доцни, ама музиката стигна

Сара Мејс и женскиот квартет ја прошетаа публиката низ најубавите новогодишни хитови

НОВОГОДИШНА МАГИЈА – Дедо Мраз доцни, ама музиката стигна
Фото: Принтскрин

Сара Мејс и нејзиниот женски квартет одржаа незаборавен новогодишен концерт со фантастични вокални и оркестарски аранжмани вчера (29 декември) во Филхармонијата.

Сара Мејс, Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова ја одведоа публиката на музичко патување до Лапонија и назад, изведувајќи избор од најубавите и најпопуларни светски и домашни новогодишни и божиќни песни. Ги придружуваше Божиќниот оркестар под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Диригентот Еминовиќ го оживеа и сценариото со својот хумор. При крајот на концертот, посветен на децата, Сара Мејс го праша дали ќе се појави Дедо Мраз, а тој духовито одговори:

„Ќе стаса, само малку доцни затоа што санката му е подесена на брзина 50. Инаку, Дедо Мраз секогаш доаѓа.“

Покрај празничните поп класици, квартетот ја претстави и својата прва авторска новогодишна песна „Нека трепка“, промовирана овој месец. Целото музичко доживување беше надополнето со убаво украсена сцена и сценарио, а атмосферата достигна врв кога пејачките се прошетаа меѓу публиката на хитот „…“ и ја кренаа целата сала на нозе.

Концертот заврши со песната „Елко, елко“, која предизвика децата да заиграат на сцената. Почна оригинално, со соло на харфа на Сара Мејс, а заврши со акапела изведба на „Ноел“, во која четирите професионални музичарки повторно ги истакнаа своите вокални способности. Секоја од нив имаше и танцувачка точка со кореографија.

Меѓу гостите во публиката беше и виолинистот Горјан Стојановски, автор на песната „Среќна Нова година“ која Сара Мејс ја сними во 2015 со Биг бендот на МРТ.

Претходниот ден, Сара Мејс и квартетот одржаа концерт и во Штип, а настапуваа и на плоштадите во Битола и Крива Паланка, ширијќи радост и празнична атмосфера низ целата земја.

CATEGORIES
Share This