ПАТИШТАТА НИЗ ЗЕМЈАВА Суви коловози, повеќе активни градежни зафати

ПАТИШТАТА НИЗ ЗЕМЈАВА Суви коловози, повеќе активни градежни зафати

Сообраќајот на државните патишта низ земјава утринава се одвива без поголеми потешкотии, по претежно суви коловози. Надлежните служби информираат дека нема значајни застои, а фреквенцијата на возила надвор од градските подрачја е умерена.

Поради градежни активности поврзани со Коридор 10, денеска од 15 часот попладне ќе стапи на сила изменет режим на сообраќај на делницата Прилеп – Битола. Возилата ќе бидат пренасочени по регионалниот пат Р1101, а сообраќајот ќе се одвива согласно поставената сигнализација.

Од средината на ноември е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, независно од моменталните временски услови. Ова правило ќе важи до 15 март 2026 година, а контролите се спроведуваат редовно.

На граничните премини од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез или излез од државата. Сообраќајот се одвива континуирано.

Од Автомото сојузот апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината, особено на патните правци кои минуваат низ клисури, котлини и речни долини, каде што постои зголемен ризик од одрони. Како покритични се посочуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите категории возила и ќе остане непрооден до 31 март 2026 година, поради сезонски зимски режим.

CATEGORIES
Share This