СОНЧЕВО УТРО, ОБЛАЧНО ПОПЛАДНЕ Можен слаб снег кон крајот на денот

СОНЧЕВО УТРО, ОБЛАЧНО ПОПЛАДНЕ Можен слаб снег кон крајот на денот

Денешниот ден ќе започне со стабилни временски услови и претежно сончево време низ поголемиот дел од земјава. Во утринските часови ќе има мала до умерена облачност, додека во попладневните часови облачниот слој постепено ќе се зголемува. Кон крајот на денот, на одделни места се можни слаби и краткотрајни врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Утринските температури ќе се движат во интервал од минус 5 до нула степени, а дневните ќе бидат значително повисоки, од 3 степени во повисоките предели, до околу 11 степени во јужните делови од земјата.

Во главниот град, утрото ќе биде сончево и студено, а во текот на попладнето ќе се забележи постепено зголемување на облачноста. Ќе дува умерен северен ветер, кој повремено ќе создава чувство на постудено време. Минималната температура ќе се спушти до околу -2 степени, додека максималната дневна ќе се искачи до приближно 10 степени.

Во наредните денови следува изразена промена на временските услови. Во среда, под влијание на значително постудена воздушна маса од север, ќе дува засилен, а на моменти и силен северен ветер. Поради тоа, дневните температури на повеќе места ќе останат под нулата. Во четврток ќе продолжи ветровито и студено време, со умерен до засилен северен ветер.

Во петок се очекува постепена промена – ветерот ќе го смени правецот во јужен, со зголемена облачност и услови за слаб дожд, додека на планините можно е провејување на слаб снег. За време на викендот се најавува стабилизирање на времето, со повеќе сончеви периоди и постепен пораст на дневните температури.

CATEGORIES
Share This