ВЛАДАТА ПОДРЖУВА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА – Подобрување на куповната моќ и приходите
Владата го поддржува зголемувањето на минималната плата, сиромаштијата се намалува, пензиите растат, а здравството и социјалните програми добиваат нови инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата ја поддржува идејата за зголемување на минималната плата.
„Нашиот став е јасен – зголемувањето на минималната плата ни одговара, бидејќи тоа ќе донесе поголеми приходи во буџетот. Државата вработува 705.000 луѓе, а Владата е работодавач на 100.000 од нив. Тоа значи дека околу 600.000 вработени ќе бидат директно погодени. Можеме да ја зголемиме платата веднаш, но ние го почитуваме социјалниот дијалог и поддржуваме договори меѓу работодавачите и работниците“, рече Мицкоски по посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Тој додаде дека, според податоците на Евростат, потрошувачката кошница во земјава е најниска во Европа, и е под 75% од европскиот просек. Во споредба со соседните земји, потрошувачката кошница е многу пониска отколку во Албанија, Бугарија, Грција или Србија.
„Според Евростат, куповната моќ на минималната плата во првата половина на 2025 година се зголемила во однос на истото време минатата година. Во споредба со 27 земји со минимална плата, нашата е поконкурентна од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Албанија, и е рамноправна со Грција. Единствена земја со зголемена куповна моќ на минималната плата е нашата“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека Владата постојано работи на подобрување на животните услови на населението и намалување на економската нееднаквост.
Според статистиката за 2024 година стапката на сиромаштија изнесувала 21,9%, што е намалување во однос на 2023 година (23%), индексот за нееднаквост во доходите паднал од 33,3% во 2023 на 29,1% во 2024 година, што е најдобар резултат во регионот и подобар од европскиот просек.
Владата продолжува со програми за подобрување на животните услови како што се парцелизација за млади брачни парови со ослободување од плаќање комуналии, поврат на даноци за мајки за прво, второ и трето родено дете, проект за шест „ин-витро“ процедури и нвестиции во здравствени и други инфраструктурни објекти.
За пензионерите, Мицкоски рече дека покачувањата на пензиите се насочени кон намалување на сиромаштијата и изнесува за ноември 2024 +2.500 денари, април 2025: +2.500 денари и ноември 2025: +1.000 денари
Со овие мерки, очекувањата се дека сиромаштијата кај пензионерите ќе се намали, а подобрувања веќе се забележуваат од 1,23% во однос на 2023 година.
Мицкоски ја посети Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде е завршен процесот на реконструкција и набавка на нова медицинска опрема.


