ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВО КОСОВО Курти со убедлива победа

ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВО КОСОВО Курти со убедлива победа

Партијата на косовскиот премиер Албин Курти оствари убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Косово, а првичните официјални податоци укажуваат дека е на прагот да освои речиси половина од вкупниот број гласови, што би можело да значи излез од долготрајниот политички ќор-сокак во земјата.

Според Централната изборна комисија, движењето „Самоопределување“ добило 49,79 проценти од гласовите, откако беа пребројани околу 95 проценти од гласачките ливчиња. Зад него се најдоа Демократската партија на Косово (ПДК) со 21,18 проценти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 13,77 проценти од освоените гласови.

По објавувањето на прелиминарните резултати, Курти порача дека приоритет мора да биде брзото формирање на институциите, повикувајќи ја опозицијата на парламентарна соработка „во интерес на граѓаните и државата“.

На претходните избори, одржани на 9 февруари, „Самоопределување“ освои 42 проценти од гласовите, но тоа не беше доволно за стабилно парламентарно мнозинство, поради што не беше формирана влада и земјата повторно излезе на избори. Конечните резултати ќе бидат познати по пребројувањето на гласовите од дијаспората.

За самостојно формирање влада, потребно е обезбедување најмалку 61 пратеник во парламентот, кој брои вкупно 120 места. Излезноста на овие избори изнесуваше околу 45 проценти, што претставува пораст во однос на февруарските избори, кога гласаа 40,6 проценти од регистрираните гласачи.

Нов неуспех во формирањето влада и одложување на работата на парламентот би ја продлабочил политичката нестабилност во чувствителен период за Косово. Пратениците во наредниот период треба да изберат претседател и да ратификуваат кредитни договори во вредност од околу една милијарда евра со Европската Унија и Светската банка, чија важност истекува во следните месеци.

Опозициските партии досега одбиваа да влезат во коалиција со Курти, критикувајќи ги неговите односи со западните партнери, како и политиките кон етнички поделениот север на Косово, каде живее значително српско малцинство. Од друга страна, Курти ја обвинува опозицијата дека е главниот виновник за институционалниот застој.

CATEGORIES
Share This