АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ – Македонците се намалуваат, Албанците бележат раст
Бројот на родени и починати открива различни демографски трендови меѓу Македонците и Албанците

Во последната деценија Северна Македонија се соочува со континуиран пад на вкупниот број на население, но демографските трендови не се исти кај сите етнички заедници. Додека кај Македонците се бележи изразено природно намалување, кај Албанците статистиката покажува позитивен природен прираст, објави „Еуроњуз Албанија“.
Според официјалните државни податоци на кои се повикува порталот, во земјава се регистрирани 16.061 живородено дете и 20.201 починато лице, што резултира со негативен природен прираст. Анализата по етничка припадност, сепак, открива значајни разлики меѓу двете најбројни заедници.
Кај македонската заедница биле евидентирани 6.841 раѓање и 14.760 смртни случаи, што значи природен пад од 7.919 лица. Наспроти тоа, кај албанската заедница имало 5.473 родени и 3.309 починати, односно позитивен природен биланс од 2.164 лица.
Овие податоци укажуваат дека македонското население се соочува со негативен природен прираст, како резултат на стареењето на населението и ниската стапка на наталитет. Кај Албанците, пак, и покрај иселувањето, бројот на новородени значително го надминува бројот на починати, што обезбедува позитивен демографски тренд.
Податоците на локално ниво покажуваат изразени разлики меѓу општините: Арачиново: +138 (Македонци +2, Албанци +133), Скопје – 17 (Македонци – 1.395, Албанци +1.287), Карпош – 244 (Македонци -242, Албанци +1), Кисела Вода – 258 (Македонци -253), Битола – 459 (Македонци – 774, Албанци – 15), Чаир: +351 (Македонци – 100, Албанци +427). Сарај +332 (Македонци +3, Албанци +329), Студеничани: +137 (Македонци +1, Албанци +84)
Според аналитичарите, ваквите демографски промени ќе имаат директно влијание врз образовниот систем, пазарот на труд, пензискиот фонд, како и врз политичките и економските односи во земјата во наредните децении.
Потсетуваме, од 1 јануари 2009 тогашните власти почнаа да исплаќаат надоместок за трето и четврто дете во регионите каде прирастот беше под 2,1 промили со што значително се подобри наталитетот кај македонското население, но, Уставниот суд ја укина оваа мерка. Во моментов се најавуваат нови мерки, меѓу кои олеснувања за купување стан за млади брачни двојки, со цел да се стимулира формирањето семејства.


