ЗНАМ НА МАКСИМ ДИМИТРИЕСКИ РАСТУРА – Нивна фирма без услови добила милионски тендер во евра

Сомнежи за наместен тендер: новоформирана фирма, подизведувач „покритие“ и политичка врска со ЗНАМ

ЗНАМ НА МАКСИМ ДИМИТРИЕСКИ РАСТУРА – Нивна фирма без услови добила милионски тендер во евра
Фото: СДСМ

СДСМ денеска објави нов, како што го нарече, „крупен скандал“ поврзан со милионски тендери и сомнежи за криминал и корупција. Фактите и доказите, според партијата, биле доставени од свиркачи преку платформата МИЦКО.мк, а граѓаните активно се вклучиле во откривањето на, како што велат, незаконските практики.

На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, соопшти дека фирмата „БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер од 1,2 милиони евра од Пошта на Северна Македонија за чистење и одржување на хигиена.

Според СДСМ, станува збор за фирма без вработени, без претходно реализирани договори и без искуство во дејноста. Во моментот на аплицирање, фирмата, како што тврдат, не ги исполнувала основните услови од тендерската документација:
– немала најмалку три претходни договори за хигиенско одржување,
– немала минимум 50 вработени,
– немала годишен приход од најмалку 100.000 евра во последните три години,
– немала ниту соодветна техничка опрема.

И покрај тоа, фирмата била избрана за изведувач. Како причина за тоа, СДСМ наведува дека во групната понуда се појавил подизведувачот „Серта“, компанија со долгогодишно искуство во областа на хигиената, што според нив отвора сериозни сомнежи.

Дополнително сомневање, според партијата, предизвикува и фактот што само дваесетина дена по добивањето на тендерот, на 24 ноември 2025 година, фирмата добила нов сопственик – Сашо Петровски.

„Како фирмата да била основана исклучиво за да го добие тендерот, а сопственоста да се смени веднаш потоа“, истакна Младеновска.

Таа посочи дека Сашо Петровски е советник од партијата ЗНАМ во Општина Кисела Вода, прашувајќи дали станува збор за истото лице и дали фирмата е директно поврзана со ЗНАМ.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ меѓусебно си делат милионски тендери, додека државата се соочува со недостиг на средства за плати, пензии и минимална плата.

„АКТ продолжува со откривање на сите скандали и криминални тендери за испумпување на парите на граѓаните. Нема да запреме. Борбата против криминалот и корупцијата продолжува. Сите ќе одговарате. Работата не е завршена“, порача Младеновска.

CATEGORIES
TAGS
Share This