ПЕЕЊЕ ЗАБРАНЕТО, СВИРЕЊЕ ДОЗВОЛЕНО – Срамно понижување на Македонците на свечен настан во Лерин
Градоначалникот на Лерин забрани пеење на македонски за време на традиционалниот коледен настан.

Традиционалната празнична манифестација „Коледе“ во Лерин (Флорина) годинава помина во сенка на контроверзна политичка одлука, откако градоначалникот Василеос Гианакис донесе забрана за пеење на македонски јазик за време на настанот.
Инцидентот се случил за време на настапот на музичката група „Ендопика“, која во својата програма планирала да ја изведе македонската народна песна „Софка на татко“. Според наводите, членовите на бендот добиле јасни инструкции од градските власти дека пеење на македонски јазик не е дозволено, а песната може да се изведе исклучиво во инструментална верзија.
Ваквата одлука предизвика бурни реакции и, според критичарите, ја претвори културната прослава во пример на цензура и институционален притисок врз македонското малцинство во Грција.
Активистот за правата на Македонците во Грција, Павле Васкопулос, вели дека овој потег не е изолиран случај, туку дел од долгогодишна практика. Според него, Македонците во Леринско, Костурско и Воденско континуирано се соочуваат со дискриминација и ограничување на своите културни и јазични права.
„Граѓаните кои јавно зборуваат за својот јазик и идентитет често се етикетираат како ‘скопски агенти’ и се изложени на притисоци и стигматизација“, предупредува Васкопулос.
Локалните власти засега не објаснуваат зошто изведбата на една традиционална народна песна предизвикала ваква реакција.


