НОВОГОДИШНА РАДОСТ ЗА ДЕЦАТА НА МИРОВНИЦИТЕ Пораки на поддршка од државниот врв

Преку видео-конференциска врска, од касарната „Страшо Пинџур“ беа упатени празнични пораки и благодарност до припадниците на Армијата во меѓународните мисии

НОВОГОДИШНА РАДОСТ ЗА ДЕЦАТА НА МИРОВНИЦИТЕ Пораки на поддршка од државниот врв
Фото: Национал

Со видео-конференциска врска што ги надмина километарските дистанци меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец традиционално беше одбележан претстојниот почеток на Новата година. Во празнична атмосфера, децата на македонските мировници распоредени во странство ги добија своите новогодишни пакетчиња, додека државниот и воениот врв упатија пораки на поддршка и благодарност до припадниците на Армијата ангажирани во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.

Претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна и безбедна мисија на македонските мировници, истакнувајќи ја нивната улога во зачувувањето на глобалниот мир.

„Се чини дека никогаш досега на светот не му бил потребен мирот повеќе, а значењето на нашите мировници и на македонската Армија никогаш не било повидливо. Продолжете гордо да ја претставувате Армијата, затоа што навистина имате што да претставите“, порача Сиљановска-Давкова.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски нагласи дека средбата има посебна симболика и тежина, бидејќи ја отсликува поврзаноста меѓу припадниците на Армијата и нивните семејства.

„Иако физички сме оддалечени, денес сме обединети како едно семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани“, истакна Мисајловски.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, изрази уверување дека сите припадници на Армијата во меѓународните мисии професионално и одговорно ги извршуваат своите задачи, достојно претставувајќи ја државата.

Во духот на традицијата, и оваа година празничната радост беше збогатена со пристигнувањето на Дедо Мраз, кој со хеликоптер слета во тренинг-центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, носејќи насмевки и радост за најмладите.

CATEGORIES
TAGS
Share This