ГОЛЕМИ БИТОЛЧАНИ – Сеќавање на Боро Чурлевски легенда на битолскиот и македонскиот ракомет

Спомен и наследство во македонскиот ракомет

ГОЛЕМИ БИТОЛЧАНИ – Сеќавање на Боро Чурлевски легенда на битолскиот и македонскиот ракомет
Фото: Принтскрин

Национал пренесува кратко сеќавање на легендарниот ракометар на битолски Пелистер, Боро Чурлевски. Роден во Битола на 21 ноември 1965 година. Ракометната кариера ја започнал во Пелистер во 1984 година, со кој трипати ја освоил вице-шампионската титула во СФРЈ (1984-1988). Сезоната 1988/89 поминал во РК Црвенка, а 1989/90 се вратил во Пелистер. Во 1991/92 настапувал за Тутунски Комбинат од Прилеп, со кој ја освоил титулата во Втората ракометна лига на СФРЈ.

По осамостојувањето на Македонија, продолжил во Борец Агропин од Велес, каде го освоил Купот на Македонија во 1994 година. Истата година се вратил во Пелистер, каде во периодот 1994-1999 освоил две првенства и четири Купови на Македонија. Во сезоната 1999/00 играл за грчкиот Килкис, а кариерата ја завршил во црногорскиот Ловќен, со кој станал шампион на СР Југославија.

Чурлевски повеќепати бил прогласуван за најдобар играч и стрелец на бројни турнири, меѓу кои: Меѓународниот турнир во Добој (199-1996), Струга (1994-1996), Лесковац (2000), како и најдобар стрелец во Светозарево (1989) и Струга (1992).

Играјќи за репрезентацијата на поранешна Југославија, освоил бронзен медал на Светското првенство во Романија (1987). Бил дел од првиот состав на македонската ракометна репрезентација, настапувајќи на Европското првенство во Италија (1998) и Светското првенство во Египет (1999).

Тренерската кариера ја започнал во Пелистер, а подоцна работел и во грчкиот Килкис, РК Југ, косовските Кастриоти и Беса, женската екипа на Патра и во Либија. Последен ангажман имал како тренер на РК Прилеп (септември 2014).

Во негова чест, спортската сала во Битола е преименувана и денес го носи неговото име.

Починал во Битола на 26 декември 2014 година.

Да потсетиме дека в сабота, по повод 70-годишнината на Пелистер, во салата „Боро Чурлевски“ ќе се одржи ревијален натпревар на ветераните со кои своевремено играше и Чурлевски.

Битолскиот клуб ги потврди дел од легендарните имиња кои ќе настапат на теренот: Абдула Јусуфовски, Стевче Стефановски, Душан Новокмет, Александар Мирзамамедов, Слободан Николиќ, Златко Димитровски, Пепи Манасков, Касим Каменица, Цане Крстевски, Александар Зарков, Кире Поповски, Игор Николовски и многу други.

Настанот ќе биде збогатен со свечена академија и музичка програма, создавајќи незаборавен крај на 2025 година за битолската ракометна јавност.

CATEGORIES
Share This