САД НЕ ИМ ИЗДАДОА ВИЗИ НА БРЕТОН И ПЕТ ГРАЃАНИ – Така не се постапува со сојузници велат од ЕУ
Коста и фон дер Лајен реагираат остро - слободата на говорот е неприкосновена.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја осудија одлуката на САД да воведат забрана за патување за пет европски граѓани, меѓу кои и поранешниот комесар на ЕУ, Тиери Бретон.
„Ваквите мерки се неприфатливи меѓу сојузниците, партнерите и пријателите“, напиша Коста на платформата X, нагласувајќи дека ЕУ цврсто стои во одбрана на слободата на изразување, фер дигиталните правила и својот регулаторен суверенитет.
Фон дер Лајен додаде дека слободата на говорот е основа на силна европска демократија и дека Комисијата е чувар на европските вредности.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека мерките на САД претставуваат заплашување и принуда против европскиот дигитален суверенитет, додавајќи дека правилата на ЕУ се усвоени демократски и се наменети за фер конкуренција и применливост во Европа, без таргетирање на трети земји.
Стејт департментот на САД соопшти дека забраната за визи е дел од обидот да се принудат американските платформи на социјални медиуми да ограничат одредени содржини.


