САУДИСКА АРАБИЈА ГО НАПАДНА ЈЕМЕН – Бомбардирани јеменските сецесионисти на југот на земјата
Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада, додека STC има поддршка од ОАЕ

Саудиски воени авиони денеска извршија воздушни напади врз воени позиции на Јужниот преоден совет (STC) во јужен Јемен, соопшти локален безбедносен извор. STC е сецесионистичко движење кое се залага за отцепување на јужниот дел на земјата од северот.
Според изворот за кинеската агенција Синхуа, нападите се случиле еден ден откако Ријад побара од STC да ги повлече своите сили од областа Хадрамут. Тој наведе дека во нападите нема повредени, ниту е причинета материјална штета на воената опрема.
Саудиските власти засега не ги коментираа овие наводи. Сепак, Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија вчера соопшти дека неодамнешното распоредување на силите на STC во две јужни јеменски провинции претставува неоправдана ескалација што ги загрозува интересите на Јемен и ги отежнува напорите за стабилизација.
Ријад информираше и дека заедничка воена делегација од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати пристигнала во Аден, со цел да координира со претставниците на STC повлекување на нивните сили и предавање на воените кампови на владините или локалните безбедносни структури.
Јемен е зафатен од вооружен конфликт од 2014 година, кога бунтовничките сили на Хутите го презедоа главниот град Сана и поголем дел од северот на земјата. Како одговор, во 2015 година интервенција започна коалицијата предводена од Саудиска Арабија.
Во меѓувреме, STC го прошири своето присуство и во источната провинција Ал Махра, регрутирајќи локални сили, и покрај континуираните повици од јеменската влада и Саудиска Арабија за смирување на тензиите.
Јужниот преоден совет е основан во 2017 година и претставува политичко и воено движење кое се стреми кон повторно воспоставување независна држава Јужен Јемен. Организацијата го контролира Аден и голем дел од територијата на поранешната Демократска Република Јужен Јемен, со силна поддршка од Обединетите Арапски Емирати, чие влијание на југот на земјата е видливо преку различни вооружени формации.
STC ги обвинува поранешните јеменски влади за долготрајна политичка и економска маргинализација на југот, додека официјалните власти во Сана ги отфрлаат овие тврдења и инсистираат на зачувување на територијалниот интегритет на државата.


