НАРОДОТ Е ЖЕДЕН ЗА ПРАВДА Премиерот до идниот јавен обвинител
Новиот јавен обвинител ќе биде тест за довербата на народот во правосудниот систем

На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски одговори на прашања за изборот на в.д. државен јавен обвинител и очекувањата од обвинителството во наредниот период. Тој посочи дека според информациите кои ги има, процедурата за избор на државниот јавен обвинител треба да заврши во рок од два месеца.
Мицкоски истакна дека критериумите за избор се утврдени со Законот за јавно обвинителство, донесен од претходната власт (СДСМ и ДУИ), и со нив се забранува можноста професори, адвокати и истакнати правници да бидат избрани за државен јавен обвинител.
„Очекувам избраниот јавен обвинител да работи темелно и напорно. Во последната година и половина многу предмети се поднесени, но обвинителството молчи. Станува збор за неколку стотици случаи кои стојат во фиоки, и тоа е разбирливо што предизвикува негодување кај граѓаните“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека јавниот обвинител треба да ја врати довербата во институцијата, која потоа ќе се пренесе и на судовите. Тој нагласи дека суштинската реформа во судството не е повисока плата или буџет, туку вистинска борба за правда.
Мицкоски исто така нагласи дека силна правна држава е основа за успех во секое поле, особено во контекст на реформската агенда поврзана со интеграцијата во Европската Унија. Тој најави дека во јануари во Собранието ќе се најдат сет закони за судскиот совет, Советот на јавни обвинители, јавнообвинителската служба и судската служба.
„Владата се согласува дека плановите за вработувања и унапредување треба да ги одобруваат Советот на обвинители и Судскиот совет, додека ние ќе бидеме само информирани. Направивме мапирање на потребите на судовите и обвинителствата и обезбедивме средства преку буџет и ребаланс за нивно пополнување“, рече премиерот.
На крајот, Мицкоски потсети на измените во Кривичниот законик направени од минатата влада, кои обезбедиле политичка амнестија за дел од поранешните функционери, нагласувајќи дека според компаративна анализа, казните се поригорозни од другите земји во регионот.


