ПРВОСТЕПЕНАТА ПРЕСУДА ОСПОРЕНА – Палевски и другите осудени на доживотен затвор бараат повторно судење
Четворица обвинети за грабнувања и убиства на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче поднесоа жалби

Неправосилно осудениот Љупчо Палевски и тројцата соучесници во грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес поднесоа жалби против доживотните затворски казни.
Како што дознава Апелациониот суд Скопје, обвинетите не бараат ослободителни пресуди, туку укинување на првостепената одлука и враќање на случајот на повторно постапување во Кривичниот суд Скопје.
Судија-известител за овој предмет е Ѓоко Ристов. Тој појаснува дека не знае детали од жалбите, бидејќи предметот минатата недела веднаш бил испратен во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје за мислење.
„Предметот е во ВЈО Скопје и, штом го добиеме мислењето, веднаш ќе закажам расправа“, вели судијата Ристов.
Првостепениот судија Ивица Стефановски на сите четворица обвинети – Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев им одреди по 10 години затвор за грабнувањето на Ѓорчевска и Жежовски, а за свирепите убиства доживотен затвор. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението, за што Обвинителството поднесе жалба до Апелација.
Судот во образложението наведува дека на 27 ноември 2023 година, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со цел од член на семејството да изнудат пари. Кога девојчето излегло од лифтот, Видевски и Манев ја фатиле за устата и половината, ја совладале и ѝ се заканувале да не вика.
Во вреќа за спиење, ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил дека ќе пукаат ако вика, а потоа Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „Ситроенот“ на покојниот Панче Жежовски.
По насока на Палевски, ја однеле на местото „Дупки“ кај Бразда, каде таа починала веднаш од куршум во главата.
Претходно, на 22 ноември 2023 година, на сличен начин бил нападнат и Панче Жежовски кого Манев го нападнал, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насока на Палевски, Жежовски бил однесен на местото „Рудник“ над Велес и убиен со еден куршум во главата.
Во двата случаи, четвртоосудениот Влатко Кешишев бил задолжен за логистика и стража.


