ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ДО ПРАТЕНИЦИТЕ – Усвојте го нашиот предлог-закон за државјанство од 2021, Македонците од цел свет заслужуваат државјанство по потекло

Македонците од странство да добијат право на државјанство автоматски, според потекло

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ДО ПРАТЕНИЦИТЕ – Усвојте го нашиот предлог-закон за државјанство од 2021, Македонците од цел свет заслужуваат државјанство по потекло
Фото: Единствена Македонија

Единствена Македонија ја поздравува средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставници на Македонците во странство, на која меѓу другото се дискутираше и за можноста нашинците да стекнуваат државјанство по автоматизам, по потекло.

Потсетуваме дека во Собранието веќе постои подготвен законски текст на Единствена Македонија уште од 2021 година, со кој се овозможува Македонците од целиот свет да стекнуваат државјанство преку исклучителна натурализација, без дополнителни услови, освен основниот – да се биде Македонец по потекло.

За жал, овие измени и дополнувања на Законот за државјанство сѐ уште остануваат закочени во собраниските фиоки.

Надвор од границите на Македонија живеат милиони Македонци, особено во прекуокеанските и соседните земји, како и голема групација од стотици илјади Македонци – муслимани кои во педесеттите години на минатиот век се иселиле во Турција.

Историјата покажува дека првата генерација Македонци масовно се иселувала од овие простори уште за време на турското, српското и бугарското владеење, пред повеќе од сто години.

Сметаме дека е време законски да се овозможи и третата генерација Македонци во дијаспората да стекнува македонско државјанство без дополнителни услови. Ова е во согласност со современите законодавства кои се грижат за своите сонародници во странство и овозможуваат државјанство по потекло.

Очекуваме пратениците да покажат државнички капацитет и лидерство и конечно да ги усвојат предложените измени на Законот за државјанство поднесени од Единствена Македонија уште во 2021 година, со што ќе го израдуваат македонскиот народ.

CATEGORIES
TAGS
Share This